Известување

sob_logo_bmp2Синдикатот на Одбраната и Безбедноста (СОБ) како социјален партнер на Министерството за одбрана подолг временски период одржува преговори со надлежните лица во  Министерството за одбрана во насока на подобрување на стандардот на вработените, односно зголемување на платите  на вработените во МО и АРМ.

Имено, сметаме дека моменталната состојба со висината на платите на вработените во МО и АРМ е на многу ниско ниво, односно со таквата плата не можат да се задоволат основните елементарни потреби за пристоен живот.

Би сакале да истакнеме дека припадниците на МО и АРМ во извршувањето на своите задачи во Република Македонија и надвор од неа, покажаа дека секогаш се едни од најдобрите професионалци како припадници на безбедносните структури во Р. Македонија. Тоа може најдобро да се види и при сегашното ангажирање во обезбедувањето на јужната граница на нашата земја при контролата на бегалската криза, каде што и покрај  несоодветните услови за живот и работа, припадниците на МО и АРМ чесно, пожртвувано, коректно и професионално ги извршуваат секојдневно поставените задачи и успешно се справуваат со предизвиците што притискаат на границите на нашата држава.

За жал останатите припадници од безбедносниот сектор (полиција, царина и други безбедносни структури) имаат повисоки примања од нас, благодарејќи на најавеното и реализирано зголемување на нивните плати. Сведоци сме дека за припадниците на полицијата веќе трет пат е најавено зголемување на нивните парични примања, односно изедначување на платите помеѓу секторите полиција и царина. Овде би сакале да го споменеме и последното зголемување на платите на медицинскиот персонал, зголемувањето на минималната плата, зголемувањето на пензиите, како и зголемувањето на паричните примања на одредени групи на работници во Р. Македонија.

Сметаме дека Владата на Р. Македонија неправедно ги изостави припадниците на МО и АРМ во однос на зголемувањето на платите и поради тоа бараме веднаш да се изврши зголемување на платите на припадниците на МО и АРМ за висина која ќе овозможи нивелација односно изедначување по структура со платите на припадниците на полицијата и царината односно:

  • Зголемување на платите од 20 % во ова фаза и потоа нашите плати да го следат изедначувањето со платите на припадниците на полицијата и царината.
  • Изедначување на висината на дневницата со припадниците на полицијата.

Сметаме дека согласно финансиските можности на Р. Македонија, од буџетот на Р. Македонија може да се издвојат дополнителни финансиски средства со кои што ќе се изврши бараното зголемување на платите, а кои што финансиски средства нема да претставуваат голем товар врз буџетот.

 

Со почит, Синдикат на одбраната и безбедноста

Share
Bookmark the permalink.

Comments are closed.