За СОБ

Синдикатот на Одбраната и Безбедноста е формиран како резултат на демократските промени во нашето општество кои со осамостојувањето на Република Македонија го зафатија и Министерството за одбрана. Почетните отпори за формирање на синдикат и негово функционирање, како и дотогашната забрана за членување на воениот персонал во Синдикалните организации кои постоеја, беа надминати со залагањето на ентузијастите кои го формираа и беа членови на првото Претседателство на синдикатот. Од почетокот на идејата за формирање на синдикат до неговото регистрирање помина скоро цела година и на 30.06.1998 година е регистриран како правен субјект како ССВО (Самостоен Синдикат на Вработените во Одбраната).

АКТИВНОСТИ

Согласно Статутот и Правилниците, Синдикатот на Одбраната и Безбедноста води постојана грижа, спроведува активности и врши следење на состојбите на социјално-економската положба на вработените во МО, АРМ и ЦУК, организира семинари, спортски натпревари и други активности за едукација и дружење на членовите на СОБ, го спроведува годишниот план за активности на СОБ, доделува правна и парична помош на членовите на СОБ согласно правилникот за солидарен фонд, зема активно учество во работата на ССМ (Сојуз на синдикатите на Македонија) и ЕУРОМИЛ (Европска организација на воените синдикати и здруженија на земјите членки на НАТО) каде сме полноправна членка, врши склучување на договори за купување на рати и соработка со други Синдикати и здруженија.

ОРГАНИ И ТЕЛА

Синдикатот на Одбраната и Безбедноста има свој Статут и Правилници кои се донесени на состаноците на највисоките тела на Синдикатот, Конгресот и Советот на СОБ. Органи и тела кои функционираат во СОБ се: Претседател – Ристо Ајтов; Генерален секретар – Ацо Спасовски; Извршен одбор составен од 7 члена кои се задолжени за проблематиката на членовите на СОБ и тоа по категории: офицери, подофицери, професионални војници, цивилни лица на служба во АРМ, државни службеници вработени во МО; Совет на СОБ во кој има претставници од сите Регионални Основни Организации (Претседателот на РОО и по еден член за секои 200 члена во таа РОО); Комисија за спорт, култура и рекреација; Технички секретар и Претседатели на РОО.

КАКО ДО ПАРИЧНА И ПРАВНА ПОМОШ?

Согласно Правилникот за солидаред фонд секој член на Синдикатот на Одбраната и Безбедноста има право на парична помош. Таа може да се добие со пополнување на барање (образец) и доставување на потребната документација до стручната служба на СОБ проследено од страна на Претседателот на Регионалната Основна Организација во која припаѓа членот.
За добивање на правна помош, членот на СОБ потпишува изјава која ја добива од Претседателот на РОО или во канцеларијата на СОБ каде пополнува барање кое се заверува и со кое докажува дека има право да стапи во контакт со правниот застапник на СОБ за да се договори лично за понатамошната постапка со адвокатот.

НАЈГОЛЕМИОТ УСПЕХ

Како најголем успех на Синдикатот на Одбраната и Безбедноста досега го сметаме спречувањето на прогласување на преку 1300 вработени во МО и АРМ за технолошки вишок во 2005 година, организирањето на штрајк и протести и активното учество на СОБ со свои претставници во комисиите формирани за водење на социјално – економскиот дијалог со Министерството за Одбрана на Република Македонија.

Share

Comments are closed.