Известување

sob_logo_bmp2Синдикатот на Одбраната и Безбедноста (СОБ) како социјален партнер на Министерството за одбрана подолг временски период одржува преговори со надлежните лица во  Министерството за одбрана во насока на подобрување на стандардот на вработените, односно зголемување на платите  на вработените во МО и АРМ.

Имено, сметаме дека моменталната состојба со висината на платите на вработените во МО и АРМ е на многу ниско ниво, односно со таквата плата не можат да се задоволат основните елементарни потреби за пристоен живот.

Би сакале да истакнеме дека припадниците на МО и АРМ во извршувањето на своите задачи во Република Македонија и надвор од неа, покажаа дека секогаш се едни од најдобрите професионалци како припадници на безбедносните структури во Р. Македонија. Тоа може најдобро да се види и при сегашното ангажирање во обезбедувањето на јужната граница на нашата земја при контролата на бегалската криза, каде што и покрај  несоодветните услови за живот и работа, припадниците на МО и АРМ чесно, пожртвувано, коректно и професионално ги извршуваат секојдневно поставените задачи и успешно се справуваат со предизвиците што притискаат на границите на нашата држава.

За жал останатите припадници од безбедносниот сектор (полиција, царина и други безбедносни структури) имаат повисоки примања од нас, благодарејќи на најавеното и реализирано зголемување на нивните плати. Сведоци сме дека за припадниците на полицијата веќе трет пат е најавено зголемување на нивните парични примања, односно изедначување на платите помеѓу секторите полиција и царина. Овде би сакале да го споменеме и последното зголемување на платите на медицинскиот персонал, зголемувањето на минималната плата, зголемувањето на пензиите, како и зголемувањето на паричните примања на одредени групи на работници во Р. Македонија.

Сметаме дека Владата на Р. Македонија неправедно ги изостави припадниците на МО и АРМ во однос на зголемувањето на платите и поради тоа бараме веднаш да се изврши зголемување на платите на припадниците на МО и АРМ за висина која ќе овозможи нивелација односно изедначување по структура со платите на припадниците на полицијата и царината односно:

  • Зголемување на платите од 20 % во ова фаза и потоа нашите плати да го следат изедначувањето со платите на припадниците на полицијата и царината.
  • Изедначување на висината на дневницата со припадниците на полицијата.

Сметаме дека согласно финансиските можности на Р. Македонија, од буџетот на Р. Македонија може да се издвојат дополнителни финансиски средства со кои што ќе се изврши бараното зголемување на платите, а кои што финансиски средства нема да претставуваат голем товар врз буџетот.

 

Со почит, Синдикат на одбраната и безбедноста

Share

Честит Божиќ!

Нека ви даде Бог среќа, радост и многу љубов, а нека ве заштитува од секакво зло. Божјата милост насекаде нека ве следи, нека за доброто со добро ви се врати. Христос насекаде да ве води, Среќен Божиќ, Христос се роди!

Share

Хуманитарна акција на РОО-Прилеп

Синдикатот на одбраната и безбедноста – РОО Прилеп реализира хуманитарна акција во паралелка за деца со посебни потреби, во основното училиште „Св.Климент Охридски“ во Прилеп,  каде донираше LCD телевизор, Радио и спортска опрема.

Share

КОНГРЕС НА СИНДИКАТОТ НА ОДБРАНАТА И БЕЗБЕДНОСТА

16--SOB-kongres-11-12-2015

На ден 10.12.2015 година во Дојран е одржан Конгресот на Синдикатот на Одбраната и Безбедноста на кој присуствуваа и одлучуваа со право на глас делегати предложени од сите Регионални Основни Организации на СОБ.

Согласно Статутот на СОБ, Одлуките на Советот и Извршниот одбор на СОБ, Упатството за спроведување на избори во СОБ, како и пристигнатите записници од сите Регионалните Основни Организации при СОБ, делегатите на Конгресот едногласно ја креираа стратегијата и идното делување на Синдикатот на Одбраната и Безбедноста во наредниот мандат.

Присуството на сите делегати од сите Регионалните Основни Организации при Синдикатот на Одбраната и Безбедноста уште еднаш го покажаа единството и сплотеноста на сите членови на СОБ.

Главната порака со која што членовите на Синдикатот на Одбраната и Безбедноста преку своите делегати го задолжија избраниот претседател на СОБ г-дин Ристо Ајтов како и ораганите и телата на СОБ е дека борбата за правата на вработените  во МО, АРМ, ЦУК и ДЗС треба да продолжи со уште пожестоко темпо и дека сите единствени ќе застанеме на браникот бранејќи ги работничките права.

Со почит,
Синдикат на одбраната и безбедноста

Share

XIV – та седница на Советот на СОБ

На ден 04.11.2015 година се одржа XIV – та седница на Советот на Синдикатот на Одбраната и Безбедноста на која покрај другото се усвои и „Предлог програма и финансиски план за поддршка на програмата на СОБ за 2016 година“.

П Р О Г Р А М А
и финансиски план за поддршка на програмата на СОБ за 2016 година

Програмата е поврзана со делувањето на СОБ, одредена динамика на планирани активности како и од расположивите финансиски средства на располагање во СОБ, но начелно ќе се движи со акцент и во правец на следниве активности:

1. Преземање на мерки и активности за целосно почитување на одредбите од Колективниот договор.

1.1. Преземање на мерки и активности од наша страна до Министерството за одбрана за целосно почитување на одредбите од потпишаниот Колективен договор во кој се уредуваат, односно доуредуваат правата и обврските од работен однос на работниците во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, како и условите и начинот на остварување на правата и обврските од работните односи или во врска со работните односи.

1.2. Ангажирање на СОБ за склучување на Колективни договори на ниво на ЦУК и ДСЗ.

2. Донесување на измени во Законот за служба во АРМ

2.1. Усогласување на Колективниот договор со Законот за служба во Армијата на Република Македонија, измени во Законот за Служба во Армијата на Република Македонија во насока на постоечките членови од Колективниот договор.

2.2. Следење на спроведувањето на Законот за служба во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија.

2.3. Преземање на мерки и активности за измена на Законот за служба во Армијата на Република Македонија и вметнување на нов член „Прекинување на договор за вработување со навршени години пензиски стаж“:

(1) Министерството за одбрана ги прекинува договорите за вработување на работниците по сила на закон, со навршување на 40 години пензиски стаж на работникот, без оглед на неговите години на возраст.

(2) Работникот од ставот (1) на овој член, со писмена изјава до Министерството може да побара да му се продолжи договорот за вработување до навршување на 45 години пензиски стаж, без оглед на неговите години на возраст.

(3) Писмената изјава од ставот (2) на овој член, работникот ја дава најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување од ставот (1) на овој член, а за секое натамошно продолжување на договорот за вработување од ставот (2) на овој член, изјавата ја дава еднаш годишно, а најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување за наредната година.

(4) Министерството е должно по дадената изјава од ставот (2) на овој член, до го продолжи договорот за вработување најмногу до навршување на 45 години пензиски стаж на работникот, без оглед на неговите години на возраст.

(5) Старосната пензија од ставот (1) на овој член се утврдува во висина од 80 % од просечната месечна нето плата што работникот ја остварил во текот на најповолните десет години од пензиски стаж.

2.4. Следење на спроведување на законското решение за професионалните војници по навршување на 45 години служба во Армијата на Република Македонија и нивно префрлање во други државни институции.

2.5. Спроведување на законските решенија за ЦЛ во Законот за служба, Законот за државни службеници и донесување на подзаконските акти.

2.6. Поставување на непоставените АВЛ и ЦЛ со упатување, а АВЛ и ЦЛ кои не се поставени на соодветни работни места во догледен период да се постават на соодветни работни места и решение за воените лица кои имаат 25 години работен стаж и лица кои се трајно неспособни за служба во АРМ.

2.7. Изнаоѓање на решенија за државните службеници во МО, нивниот статус, унапредување и поставување.

2.8. Следење и изнаоѓање на соодветни решенија за вработените во ЦУК и ДЗС.

3. Зголемување на стандардот на вработените

3.1. Зголемување на платата, изнаоѓање на решение за зголемување на платите сразмерно со порастот на трошоците за живот.

3.2. Подобрени интендански решенија за воената униформа (можност за полесна замена на униформа и опрема), формирање на воени продавници.

3.3. Примена на одредбите од Законот за безбедност и здравје и Законот за мобинг.

3.4. Преземање на мерки од наша страна до Министерството за одбрана за отварање на кантини во гарнизоните во кои сеуште не е решено оваа прашање, а со цел добивање на квалитетна и евтина исхрана за вработените во тие гарнизони.

3.5. Подобрување на условите за живот и работа во касарните.

4. Станбена проблематика

4.1. Овозможување на откуп на службените станови на сегашните корисници на службени станови.

4.2. Следење на програмата АРМ мој вистински дом за трајно решение на станбеното прашање на вработените со изградба на нови станови, претставниците на СОБ кои се одредени во стамбената комисија да делуваат во правец на побрза реализација на истата.

5. Синдикални спортски натпревари

5.1. Организирање и одржување на Синдикални спортски натпревари.

6. Информирање на членовите на СОБ

6.1. Со соопштенија и известувања (сите членови на СОБ).

6.2. Електронска пошта: преку ВЕБ страната и преку е-маил.

6.3. Прес конференции по потреба.

7. Унапредување на синдикалното движење

7.1. Активно учество во европски и светски синдикални организации и информирање за активностите.

7.2. Соработка со сродни синдикати од Европа и Балканот, меѓусебна размена на искуства.

7.3.  Активно учество и придонес во ССМ и соработка со сродните  синдикати во ССМ.

8. Одбележување на свечености и празници

8.1. Осмомартовски подароци.

8.2. Новогодишни пакетчиња.

8.3. Изработка на рекламен материјал за членовите на СОБ.

8.4. Доделување на плакети за соработка и унапредување на синдикалното движење.

9. Финансиски план за поддршка на програмата на СОБ

9.1. Надоместоци за состаноци на органи и тела на СОБ.

9.2. Исплата на средства по основ на Правилникот за солидарен фонд на Синдикатот на Одбраната и Безбедноста.

9.3. Одбележување на значајни денови во текот на календарска година.

9.4. Трошоци за работа на канцеларијата на СОБ.

9.5. Учество во активностите на Синдикатите надвор од РМ.

9.6. Синдикални спортски натпревари.

9.7. Подароци за 8-ми Март.

9.8. Новогодишни пакетчиња.

9.9. Рекламен материјал за членовите на СОБ.

Забелешка : Во подточките од точката 9 трошокот ќе изнесува согласно присуствата, бројот на состаноци, бројот на луѓето ангажирани на активноста и нивниот обем.

Средствата за исплата по Правилникот за солидарен фонд зависат од поднесените барања.

04.11.2015 година, Скопје
Генерален секретар на СОБ, Ацо Спасовски

Share