РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
СИНДИКАТ НА
ОДБРАНАТА И БЕЗБЕДНОСТА
ПАРИЧНА НАГРАДА ЗА ПРИПАДНИЦИТЕ НА МО И АРМ, КАКО
ВРЕДНУВАЊЕ НА НАШИОТ ПРИДОНЕС И АНГАЖМАН ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА СОСТОЈБАТА СО КОВИД 19
СЕКОГАШ ПОДГОТВЕНИ ЗА ГРАЃАНИТЕ И ЗА ТАТКОВИНАТА
До Претседател на Република С. Македонија
Г-дин Стево Пендаровски
Претседател на Влада
на Република С. Македонија
Г-дин Оливер Спасовски
Министер за Одбрана
Г-ѓа Радмила Шекеринска-Јанковска
Награда за припадниците
на МО и АРМ – барање;
Со оглед на пандемиската состојба која што ја погоди Македонија, поради која беше прогласена и вонредна состојба, проследена со полициски час и строги мерки се со цел да се спречи ширењето на вирусот, вработените во Министерството за одбрана, а посебно вработените во АРМ беа и сеуште се вонредно ангажирани за надминување на состојбата.
Во текот на вонредната состојба предизвикана од пандемијата на корона вирусот кој претставува и глобална закана, припадниците на Армијата на Република С. Македонија активно придонесуваат кон заштитата на граѓаните, како и кон намалување на последиците од оваа глобална криза.
Ангажирањето на припадниците на МО и АРМ, посебно беше изразено при заштита на жариштата во општините низ државата, патролирање и одржување ред во населените места, обезбедување на објектите од витално значење за државата како Претседателот, Владата и Собранието, контрола на почитување на заштитните мерки кои што со уредба ги донесуваше Владата, заштита на казнено – поправните установи, контрола и надзор на државната граница со цел да се спречат нелегални влезови и излези, заштита на хотелите во кои што престојуваат лицата сместени во државен карантин, поддршка на локалната самоуправа и другите државни институции во севкупните напори за спречување на пандемијата и отстранување на последиците од неа.
Ангажманот на припадниците на Армијата, помошта и поддршката кои тие ја даваат уште еднаш покажува зошто Армијата е институција која има најголема доверба кај граѓаните. Брзото, навремено и ефикасно ангажирање секаде каде што нашите војници се потребни, е доказ дека нашата НАТО Армија има исклучителни капацитети и способности кои безрезервно ги става на располагање на нашите граѓани.
Воедно, искажуваме огромен респект и почит на сите нашите колеги, вработени во Министерството за Одбрана и Армијата на Република Македонија, кои, како и секогаш се наоѓаме во првите борбени редови на браникот на нашата татковината, и заедно со вработените во Здравството и Полицијата сме нај истурени во активностите за сузбивање на вирусот и обезбедување на функционирање на Државата во овие вонредни услови.
Поради неуморното и пожртвувано ангажирање на припадниците на МО и АРМ, како Синдикат на Одбраната и Безбедноста, бараме Владата да донесе Уредба со која сите припадници на МО и АРМ ќе бидат соодветно наградени.
Бараме, наградата за ангажирањето да се однесува за месеците Март, Април и Мај 2020 година, а висината на истата да биде 10.000,00 денари за секој месец.
Припадниците на МО и АРМ со својот труд и ангажман ја заслужуваат оваа награда, која што ќе значи оддавање на признание за нивниот зголемен ангажман како вреднување на нивниот придонес во остварувањето на целите на МО и АРМ.
Секогаш подготвени за граѓаните и за татковината.
Со почит,
Синдикат на Одбраната и Безбедноста