РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
СИНДИКАТ НА
ОДБРАНАТА И БЕЗБЕДНОСТА
Почитувани членови на Синдикатот на Одбраната и Безбедноста (СОБ), Ве известуваме дека согласно законските прописи во Република Македонија, Синдикатот на Одбраната и Безбедноста до Министерството за одбрана достави предлог текст на измени и дополни на Законот за служба во АРМ, во Април 2019 година, и истиот може да го видите на следниот линк:
“Предлог закон за служба во АРМ на СОБ”
Поголемиот дел од предлозите се земени во конечната верзија на Законот за служба, но за жал Министерството за Одбрана остана глуво за клучните поенти од нашиот предлог што се однесува на пензионирањето на воените и цивилните лица во АРМ. Предлогот на СОБ опфаќаше пензионирање со 40 години пензиски стаж или 55 години возраст, за разлика од предлогот на МО каде стои 40 години пензиски стаж и 55 години возраст. Разликата помеѓу “или’’ и ‘’и’’ e суштинска, но сепак тврдоглавоста на министерката покажува дека кај неа не постои ни најмалку грижа за припадниците на АРМ. Фактот дека согласно актуелното законско решение, припадниците на АРМ заминуваат во пензија околу 55-57 години возраст (со оглед дека 90 % од АРМ има бенифициран стаж), ја покажува сета хипокризија на Министерството за одбрана.
Истиот безсрамен пристап МО го покажува со проблемот кој ги засега професионалните војници, кои се најранливата категорија во Армијата, за кои секоја година пред истекот на договорот со 45 годишна возраст не се знае каде ќе бидат распоредени и која институција ќе ги преземе. Оваа година генерацијата 1974 наводно се распоредени во затворска полиција, а каде ќе бидат распоредени ПФВ од генерациите 75, 76 итн??? Тоа според законот би требало да го знаеме до 31.12.2019 година до кога министерката за одбрана има обврска да достави список каде ќе бидат распоредени ПФВ на кои им истекува договорот во 2020 година, со навршени години на старост според законот. Наместо тоа, СОБ предложи пензионирање за ПФВ под исти услови како и за офицерите, подофицерите и цивилните лица вработени во МО и АРМ т.е со 40 години пензиски стаж или 55 години возраст. За овие 2,5 години министерување со МО и исто толку (не)грижа за вработените во МО и АРМ, успеаја нашата професија од нај племенита и нај ценета во Република Македонија, да ја сведат на ниво на преживување, за што сведочи последниот конкурс за прием на 125 пфв, на кој се пријавија само 175 заинтересирани. Наградно прашање е колку ќе има пријавени за наредниот конкурс ??? Колку ли ќе се пријават, кога ќе слушнат за намалувањето на правата од работен однос, со тоа што во новиот предлог Закон за служба во АРМ, на ПФВ наместо две години, истите нема да имаат право на закупнина за стан во првите четири години???
Министерката толку многу се гордее со нејзините реформи, што досега поради истите се случува огромен одлив на персонал, на офицери, подофицери, професионални војници и цивилни лица, кои масовно заминуваат од МО и АРМ. Сигурно нејзината хипокризија достигнува врв, кога знае дека само во првите девет месеци од 2019 година, има заминато преку 350 припадници на МО и АРМ, што е околу 5 % од вкупната бројка на вработени. Најавата на министерката дека ќе добиеме закупнина сите, освен оние кои имаат добиено станови од ЈНА, во висина од околу 7.000,00 денари, ние како Синдикат мора да го пофалиме овој чекор, за кој во изминативе две децении му укажуваме на министерството, но ете созреале условите и таа неправда кон вработените се надеваме ќе се исправи од 01.03.2020 година. Се надеваме дека не е политички маркетинг, иако не е јасно зошто од Март, а не од Јануари со оглед дека буџетот за 2020 г. почнува во Јануари (Избори се ближат или???).
Сега повеќе не мора да се грижиме дека немаме униформа, чизми, руинирани објекти, превоз, неисправни возила, храна, дневници во висина од 610,00 денари, основните плати на 70 % од вработените се помали од просечната плата во Република Македонија и уште еден куп нерешени проблеми.
Господ нека ни е на помош и нека ги чува нашите колеги кои извршуваат специфични задачи ……., а возилата со кои се транспортираат сите знаеме во каква состојба се …….
На крајот од ова наше обраќање, би сакале да ја прашаме министерката, на која прес конференција планира да ја објави најновата ‘’експертска’’ систематизација на работните места на јавните службеници во Министерството за Одбрана, односно дали вишокот на јавните службеници ке го решава со ‘’стратешко планирање’’ на технолошки вишок или ….???
Воедно би сакале да ја потсетиме на нашето предлог решение кое и го доставивме во Април 2019 година, а во кое предложивме да доколку дојде до намалување на работните места, евентуалниот вишок на јавни службеници во МО, да се префрли во рамките на цивилните места во АРМ, при што истите да бидат пензионирани согласно условите од горенаведените предлози, односно пензионирање со 40 години пензиски стаж или 55 години возраст.
“Предлог закон за служба во АРМ на СОБ”
“Предлог на закон за изменување и дополнување на законот за служба во АРМ на МО “
Синдикат на Одбраната и Безбедноста