Почитуван господине министер,
Синдикатот на Одбраната и Безбедноста во својата секојдневна комуникација со своите членови постојано ја следи состојбата на правата од работен однос во Република Македонија. Забележително беше обраќањето на претседателот на владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски на ден 29.03.2015 година на народниот собир во Штип каде што најави усогласување на платите, и тоа во период од Април 2015 година до Декември 2017 година, односно дека ќе се зголемат платите на униформираните и овластените вработени во МВР со што до Декември 2017 година тие ќе се изедначат со платите на вработените во царината. Вкупното зголемување на платите за периодот Април 2015 – Декември 2017 би требало да изнесува од 15 % до 20 %, односно по околу 3.000,00 денари по работник месечно. Мерката е најавена да почне да се применува веднаш, односно со исплатата на платата за Април 2015 година, што ќе се исплати во Мај 2015 година. Платите што ќе се исплатат во Мај ќе бидат повисоки од исплатените во Април за околу 4 % до 5 %, зависно од стартната основа. Ваквото зголемување на платите на припадниците на МВР е презентирано како благодарност до припадниците на Македонската полиција, односно до сите припадници на безбедносните сили, што се грижат за Македонија и што ја чуваат нашата држава.
Вработените во МО и АРМ со воодушевување ја прифатија оваа добра вест за покачување на платите на оние кои се грижат за безбедноста на Република Македонија, но притоа изразија загриженост дали истото ќе се однесува и на вработените во МО и АРМ. Би сакале да Ви укажеме дека огромен број на вработени во МО и АРМ се обратија до Синдикатот на Одбраната и Безбедноста со цел синдикатот да укаже дека вработените во МО и АРМ исто така се припадници на безбедносните сили на Република Македонија, и сметаат дека оваа најавена мерка за покачување на платите во МВР треба да ги опфати и нив. Имено и покрај тешките финансиски и материјални услови во кои што секојдневно работат, припадниците на МО и АРМ го држат нивото и угледот на Армијата која благодарение на високиот патриотизам и професионализам на вработените е највисоко ценета институција во Република Македонија од страна на граѓаните. Нашиот војник покажа дека може да се носи со сите предизвици на денешнината и рамо до рамо со нашите НАТО партнери да се бори против тероризмот и тоталитарните режими помогнувајќи да се обезбеди слобода и демократија во светот. Армијата на Република Македонија секогаш била и ќе биде гордост на нашиот народ. Сепак мораме да го изразиме нашето незадоволство од стагнацијата во која се наоѓа Армијата на Република Македонија во изминативе неколку години.
Ова само уште еднаш ги потврдува нашите заложби како Синдикат дека припадниците на МО и АРМ заслужуваат поголем респект и почитување од страна на институциите на Република Македонија, а посебно во делот каде што е потребно да се подигнат на повисоко ниво финансиските и материјалните услови за живот и работа во МО и АРМ, односно да се зголемат платите на вработените во МО и АРМ.
Почитуван господине министер за одбрана, Синдикатот на Одбраната и Безбедноста бара од Вас да со својот авторитет се заложите, да најавеното покачување на платите се примени и за вработените во МО и АРМ. Ние сме спремни да на средба која би се остварила во следните неколку дена Ви ги образложиме со аргументи сите аспекти околу делот на пониските примања на вработените во МО и АРМ во однос на примањата на припадниците на МВР, а да не зборуваме за колку заостануваат примањата на нашите членови во однос на вработените во царина.
Сметаме дека е добро сите проблеми да ги решаваме преку социјален дијалог како вистински социјални партнери, и да продолжиме да го одржуваме високиот дигнитет на вработените во МО и АРМ.
Со почит,
Синдикат на одбраната и безбедноста