
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
СИНДИКАТ НА
ОДБРАНАТА И БЕЗБЕДНОСТА
ОБЈАВА ЗА МЕДИУМИ
Тема: Подобрување на правата од работен однос на вработените во Министерството за Одбрана и Армијата на Република Македонија – заслужуваат ли припадниците на АРМ и МО бонус награда за нивниот зголемен ангажман во борбата против вирусот КОВИД – 19?
Почитувани,
Синдикатот на Одбраната и безбедноста – СОБ, континуирано ја следи состојбата во Република Македонија, предизвикана од вирусот Ковид 19.
Со оглед на пандемиската состојба која што ја погоди Македонија, поради која беше прогласена и вонредна состојба, проследена со полициски час и строги мерки се со цел да се спречи ширењето на вирусот, вработените во Министерството за одбрана, а посебно вработените во АРМ беа и сеуште се вонредно ангажирани за надминување на состојбата.
Во текот на вонредната состојба предизвикана од пандемијата на корона вирусот кој претставува и глобална закана, припадниците на Армијата на Република Македонија активно придонесуваат кон заштитата на граѓаните, како и кон намалување на последиците од оваа глобална криза.
Ангажирањето на припадниците на МО и АРМ, посебно беше изразено при заштита на жариштата во општините низ државата, патролирање и одржување ред во населените места, обезбедување на објектите од витално значење за државата како Претседателот, Владата и Собранието, контрола на почитување на заштитните мерки кои што со уредба ги донесуваше Владата, заштита на казнено – поправните установи, контрола и надзор на државната граница со цел да се спречат нелегални влезови и излези, заштита на хотелите во кои што престојуваат лицата сместени во државен карантин, поддршка на локалната самоуправа и другите државни институции во севкупните напори за спречување на пандемијата и отстранување на последиците од неа.
Ангажманот на припадниците на Армијата, помошта и поддршката кои тие ја даваат уште еднаш покажува зошто Армијата е институција која има најголема доверба кај граѓаните. Брзото, навремено и ефикасно ангажирање секаде каде што нашите војници се потребни, е доказ дека нашата НАТО Армија има исклучителни капацитети и способности кои безрезервно ги става на располагање на нашите граѓани.
Воедно, искажуваме огромен респект и почит на сите нашите колеги, вработени во Министерството за Одбрана и Армијата на Република Македонија, кои, како и секогаш се наоѓаме во првите борбени редови на браникот на нашата татковината, и заедно со вработените во Здравството и Полицијата сме најистурени во активностите за сузбивање на вирусот и обезбедување на функционирање на Државата во овие вонредни услови.
Поради неуморното и пожртвувано ангажирање на припадниците на МО и АРМ, како Синдикат на Одбраната и Безбедноста, бараме Владата да донесе Уредба со која сите припадници на МО и АРМ ќе бидат соодветно наградени.
Бараме, наградата за ангажирањето да се однесува за месеците Март, Април и Мај 2020 година, а висината на истата да биде 10.000,00 денари за секој месец.
Припадниците на МО и АРМ со својот труд и ангажман ја заслужуваат оваа награда, која што ќе значи оддавање на признание за нивниот зголемен ангажман како вреднување на нивниот придонес во остварувањето на целите на МО и АРМ.
Воедно, би сакале повторно да го искажеме својот револт, како и револтот на вработените во МО и АРМ и да укажеме на лошите услови за работа, како и непочитувањето и намалувањето на правата од работен однос на вработените во МО и АРМ.
Изминаа три години од како на чело на МО се наоѓа министерката г-ѓа Шекеринска со нејзиниот тим на дојденци во МО, три години во кои постојано слушавме фалби дека ЌЕ се подобри состојбата во МО и АРМ, но за жал состојбата не само што не е подобрена, него е рапидно влошена положбата на припадниците на АРМ и МО:
- Во 21 век постојат цели касарни каде што нема вода за пиење а во зимниот период нема греење,
- Санитарните јазли во голем дел од објектите се во очајна состојба,
- Голем дел од техниката и превозните средства кои се потребни за секојдневното извршување на задачите се неупотребливи и расипани,
- Евидентен е недостатокот на униформи, чизми и ХТЗ опрема,
- Личната опрема е во фаза на распаѓање,
- Неквалитетна исхрана и недостаток на намирници.
Во услови кога Република Македонија е на работ на издржливост, поради борбата со пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД – 19, ваквите очајни услови, посебно на санитарните јазли, се добра подлога за појава на нова епидемија, која може да ја преполови бројната состојба на АРМ, а со тоа и да ја загрози безбедноста на Република Македонија.
Впрочем, моменталната реалната состојба укажува дека во МО и АРМ се соочуваме со голем бројот на заболени од вирусот КОВИД – 19, при што најголем дел од единиците на АРМ се десеткувани, односно голем е бројот на заболени наши колеги а уште поголем е бројот на оние колеги кои се во самоизолација, согласно препораките за заштита на јавното здравје.
За ваквата состојба е најмногу заслужно самото Министерство за одбрана на РМ, односно неспособноста на менаџментот на МО да обезбеди подобри услови за работа и повисоки плати за вработените во МО и АРМ, што само по себе укажува дека нивните пораки за достигнување на НАТО стандардите не се ништо друго него една голема лага“.
Mинистерството за одбрана подолг период, спротивно на Законот за работни односи и Колективниот договор на Министерството за одбрана, не исплаќа додатоци односно надоместоци на плата:
- Не исплаќа надоместок на плата за работа во празник, во ден на неделен одмор, за работа во смени, за ноќна работа и прекувремена работа,
- Наместо исплата на дневници согласно закон и Колективен договор, на припадниците на АРМ им даваат слободни денови,
- Не исплаќа надомест на бонус плата доколку остварил повеќе од 150 часа прекувремено во текот на годината.
За сметка на неисплаќањето на надоместоците на вработените во МО и АРМ, на тимот на министерката редовно им се исплаќаат прекувремените саати како и разно разни награди за “добро завршена работа“.
Ова е само еден дел од се она што како бела чума надвиснало над вработените во МО и АРМ, и како такво резултира со секојдневно напуштање на редовите на Армијата.
Само од почетокот на 2020 год., МО и АРМ ги напуштиле неколку стотини припадници, во најголем дел високо професионален и искусен кадар на Армијата, припадници на специјалните единици, што е најдобар показател за очајната состојба во АРМ и МО.
Секогаш подготвени за граѓаните и за татковината.