Известување

sob_logo_bmp2Почитувани членови на Синдикатот на одбраната и безбедноста,
Ве известуваме дека продолжуваме со нашата борба за подобрување на стандардот на нашите членови.
За таа цел денеска одржавме прес конференција на која објавивме дека ќе штрајкуваме за нашите права, при што интегралниот текст од истата ја објавуваме во целост и воедно Ве повикуваме сите заедно да му дадеме еден црвен картон на Министерството за одбрана.

„Синдикатот на Одбраната и Безбедноста (СОБ) заедно со Независниот синдикат на професионални војници (НСПВМ) веќе подолг временски период се обидува преку социјален дијалог со Министерството за одбрана да изнајде решение за пренапластените проблеми со кои секојдневно се среќаваат припадниците на Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана.

За жал, наместо решавање на проблемите кои секојдневно се повеќе и повеќе се зголемуваат, истите во недостаток на добро менаџирање со ресурсите едноставно се „сокриваат под тепих“, се заташкуваат или е забрането да се зборува за нив.

Овој балон на напластени проблеми веќе пукна, припадниците на АРМ и МО се доведени до работ на егзистенција алудирајќи на паричните примања во вид на основна плата која е толку ниска што со право се поставува прашањето – Дали на Република Македонија и треба Армија која ќе го брани суверенитетот и интегритетот на нашата држава???

Секако овде пред се се мисли на односот на политиката односно владата кон вработените во АРМ и МО, кој однос едноставно би го опишале како однос на мајка спрема вработените во МВР и маќеа кон вработените во АРМ и МО.

Како да не беше доволно тоа што припадниците на АРМ и МО се доведени во категорија на социјални случаи, Министерството за Одбрана се „потруди” уште повеќе да им го загрози животот, па го прекина и организираниот превоз за доаѓање на работа во касарните низ Р. Македонија. Иако пред само неколку месеци ветија дека до крајот на Септември 2016 год. ќе завршат со тендерската постапка и повторно ќе има организиран превоз за припадниците на МО и АРМ, очигледно е дека Министерот за одбрана, г-динот Зоран Јолевски кажа уште една голема невистина, затоа што веќе е Октомври 2016 год. а ниту е среден организираниот превоз, ниту им се исплатени досегашните трошоци на вработените во МО и АРМ. Можеме слободно да кажеме дека денес Министерството за Одбрана е фактички во стечај бидејќи не е во можност навремено да ги сервисира обврските кон своите вработени. Веќе сериозно размислуваме да отвориме посебна жиро сметка и телефонски линии за донации.

Зарем сеуште е потребно да потсетуваме и да укажуваме дека припадниците на АРМ и МО се еден од носечките столбови на државата, Република Македонија, дека се најдобрите амбасадори на Македонија во светот каде со својот докажан професионализам и патриотски чувства се носат рамо до рамо со останатите моќни армии во светот при извршувањето на поставените задачи. Припадниците на МО и АРМ чесно, пожртвувано, коректно и професионално ги извршуваат секојдневно поставените задачи и успешно се справуваат со предизвиците, додека за возврат добиваат социјални плати, социјални надоместоци за ангажирање, лажни ветувања за подобрување на стандардот.

Овде би ги спомнале и постојаните каснења на исплати по основ на дневници, патни трошоци, закупнини кои не се исплатени со месеци наназад.

Поради сето ова и уште многу други негативности кои доколку почнеме да ги набројуваме ќе ни треба еден цел ден, дојдени сме до крајот на нашето трпение, па органите на Синдикатот на Одбраната и Безбедноста донесоа одлука за ШТРАЈК на вработените во Министерството за Одбрана и Армијата на Р. Македонија.

Бараме:

* Зголемување на платата за 20% сега, а во иднина платата на вработените во МО и АРМ да се нивелира, односно да го следи нивото на зголемување на платите на вработените во МВР.

* Зголемување на надоместоците на плата за ангажирање (дежурство, стража, терен, борбени задачи и сл.) на вработените во МО и АРМ до висина од 1.200,00 денари за секој ден ангажирање зголемена за ангажирање во ноќни часови, неработни и празнични денови.

Нерешавањето на овие прашања го доведува во прашање функционирањето на МО и АРМ а со тоа се доведува и во прашање навременото извршување на нашата мисија, односно обезбедување на безбедна и стабилна Република Македонија.

Кон штрајкот на вработените во МО и АРМ се приклучува и активно ќе учествува и Независниот синдикат на професионални војници.

Со почит, Синдикат на одбраната и безбедноста

Share

СИНДИКАЛНИ СПОРТСКИ НАТПРЕВАРИ

1st

Синдикатот на Одбраната и Безбедноста во периодот од 09.09.2016 до 12.09.2016 година во хотел „Десарет“ во Охрид ги организираше и одржа ХIV-тите Синдикални спортски натпревари.

На игрите зедоа учество околу 450 лица, членови на Синдикатот на Одбраната и Безбедноста рамномерно застапени од сите Регионални основни организации врз основа на бројот на членовите.

За успешно организирање на годинешните Синдикални спортски натпревари Министерот за oдбрана г-дин Зоран Јолевски како и началникот на ГШ на АРМ  генерал потполковник Методија Величковски, дадоа огромна помош и подршка во организацијата на игрите, во вид на логистичка и медицинска подршка.

Отварање на синдикалните спортски натпревари  се одржа на ден 09.09.2016 година во 17:00 часот и истото започна со свечено дефиле и постројување на натпреварувачите. На присутните натпреварувачи им се обрати директорот на ГШ на АРМ генeрал мајор Димче Петровски која ги поздрави натпреварувачите и им посака да имаат успех во натпреварувањата и посочи дека е позитивно што Синдикалните спортски натпревари ја задржаа својата традиционалност и како такви треба и понатаму да се негуваат. „Нека победат најдобрите“ –  им порача на учесниците  директорот на ГШ на АРМ во своите завршни зборови по што игрите ги прогласи за отворени.

Учесниците на Синдикалните спортски натпревари се натпреваруваа во следните дисциплини: мал фудбал, кошарка, одбојка, пинг-понг, шах, влечење на јаже, пикадо и стрелаштво,  во машка и женска конкуренција.

Победници по дисциплини се :

  • I-во место во Мал фудбал (м), РОО-Кичево;
  • I-во место во Баскет (м), РОО-Прилеп;
  • I-во место во Баскет (ж), РОО-Штип;
  • I-во место во Одбојка (м), РОО-Тетово;
  • I-во место во Одбојка (ж), РОО-Чојлија;
  • I-во место во Пинг-понг (м), РОО-Куманово;
  • I-во место во Пинг-понг (ж), РОО-Илинден;
  • I-во место во Шах (м), РОО-Кичево;
  • I-во место во Шах (ж), РОО-МО-ГШ;
  • I-во место во Пикадо (м), РОО-Прилеп;
  • I-во место во Пикадо (ж), РОО-ТРЦ (ВМЦ);
  • I-во место во Влечење на јаже (м), РОО-пСО;
  • I-во место во Влечење на јаже (ж), РОО- Куманово;
  • I-во место во Стрелаштво (м), РОО-ЦУК;
  • I-во место во Стрелаштво (ж), РОО- ЦУК,.

Најдобри резултати во дисциплината  Пикадо во машка конкуренција постигна Златко Митревски, а во женска конкуренција Анкица Невеселова.

Најдобри резултати во дисциплината стрелаштво во машка конкуренција постигна Драгослав Кудрановиќ, а во женска конкуренција Сузана Тасевска.

И оваа година игрите имаа значење од меѓународен карактер, бидејќи на игрите со свои екипи учество зедоа и претставници на Воениот синдикат од Р. Србија со кои беа одржани неколку работни средби и беа разменети искуства од синдикалното работење и начинот на решавање на проблемите.

После успешно завршените Синдикални спортски натпревари, истите за затворени ги прогласи претседателот на СОБ г-динот Ристо Ајтов кој пред учесниците на Синдикалните спортски натпревари на сите членови на Синдикатот на Одбраната и Безбедноста вработени во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија им упати порака активно и помасовно да учествуваат во сите активности што ги организира Синдикатот на Одбраната и Безбедноста, а посебно во активностите за остварување на повисоки плати и дневници и подобри услови за работа.

Со почит, Синдикат на одбраната и безбедноста

Share

Честитка по повод 18-ти Август, Денот на Армијата на Република Македонија

Синдикатот на Одбраната и Безбедноста (СОБ) на своите членови и на сите припадници на Армијата на Република Македонија им го честита 18-ти Август, Денот на Армијата на Република Македонија.

На Вас и на Вашите фамилии Ви посакуваме среќа и успех како на личен така и на професионален план.

Синдикатот на Одбраната и Безбедноста и во наредниот период ќе се фокусира преку социјален дијалог со надлежните лица во Министерството за Одбрана да изнајде решенија за напластените проблеми со кои секојдневно се среќаваат припадниците на Армијата на Република Македонија и Министерството за Одбрана.

Започнатите процеси за повисоки плати и подобри услови на работните места заедно сите ние членови на Синдикатот на Одбраната и Безбедноста ќе вложиме максимални напори кои ќе резултираат со конечен успех.

Ве повикуваме што помасовно да ги подржиме наредните чекори на СОБ, кои во крајна линија би значеле и организирање на штрајк во Министерството за Одбрана и Армијата на Република Македонија.

Со почит, Синдикат на одбраната и безбедноста

Share

Известување

Синдикатот на Одбраната и Безбедноста (СОБ) како единствен репрезентативен синдикат во рамките на МО и АРМ и воедно потписник на Колективниот договор на Министерството за Одбрана, во рамките на истиот има предвидено исплата на парична помош поради последици од елементарни непогоди.

Исплатата на паричната помош е предвидена во членот 91 од Колективниот договор, кој гласи „Во случај на потешки последици од елементарни непогоди, во согласност со закон со кој се уредува заштитата и спасувањето, на работникот му се исплатува парична помош во висина од една последна исплатена просечна месечна нето плата во Министерството, во согласност со закон.

Поради тоа, се известуваат членовите на Синдикатот на Одбраната и Безбедноста (СОБ) чии што домови беа зафатени од поплавите во подрачјата каде што е прогласена елементарна непогода и имаат претрпено материјална штета, дека е потребно да ги преземат следните чекори:

  • Да поднесат барање до Министерството за Одбрана – Сектор за финансии, преку архивата на воената пошта или секторот во МО каде што работат, за исплата на парична помош поради последици од елементарна непогода;
  • Во прилог на барањето да достават копија од лична карта;
  • Барањето да биде во два примерока од кои едниот го предавате во архивата а на другиот кој го задржувате за себе да Ви биде назначен датумот на прием од лицето кое работи во архивата.

Во прилог на ова известување Ви е на располагање урнек од барање за исплата на парична помош поради елементарна непогода, кој што урнек можете да го прилагодувате согласно Вашата состојба.
Барањето за исплата на парична помош поради елементарна непогода можете да го преземете на следниот ЛИНК.

Со почит, Синдикат на одбраната и безбедноста

Share

Известување

konf_za_pecatПочитувани членови,

Синдикатот на Одбраната и Безбедноста (СОБ) на ден 26.07.2016 година одржа конференција за печатот на која уште еднаш ги посочи напластените проблеми во МО и АРМ и побара итно решавање на истите во насока на подобрување на стандардот на вработените во МО и АРМ.

Ви го пренесуваме интегралниот текст од конференцијата за печатот:

„Синдикатот на Одбраната и Безбедноста (СОБ) заедно со Независниот синдикат на професионални војници (НСПВМ) веќе подолг временски период се обидува преку социјален дијалог со надлежните лица во Министерството за одбрана да изнајдат решенија за проблемите со кои секојдневно се среќаваат припадниците на Армијата на Република Македонија и Министерството за Одбрана.

За жал, наместо решавање на проблемите кои секојдневно се повеќе и повеќе се зголемуваат, истите во недостаток на добро менаџирање со ресурсите едноставно се „сокриваат под тепих”, се заташкуваат или е забрането да се зборува за нив.

Овој балон на напластени проблеми веќе пукна, припадниците на АРМ и МО се доведени до ивица на егзистенција алудирајки на паричните примања во вид на основна плата која е толку ниска што со право се поставува прашањето – Дали на Република Македонија и треба Армија која ќе го брани суверенитетот и интегритетот на нашата држава???

Секако овдека пред се се мисли на односот на политиката односно владата кон вработените во АРМ и МО, кој однос едноставно би го опишале како однос на мајка према вработените во МВР и маќеа кон вработените во АРМ и МО.

Како да не беше доволно тоа што припадниците на АРМ и МО се доведени во категорија на социјални случаеви, Министерството за Одбрана се „потруди” да го прекине и организираниот превоз за доаѓање на работа во касарните низ Р. Македонија.

Имено, веќе десетина дена скоро половината од организираниот превоз за доаѓање и одење од работа е во прекин и припадниците на Армијата на Република Македонија се приморани сами да се снаоѓаат и да доаѓаат на работа трошејќи свои парични средства кои со оглед на досегашното искуство на плаќање на МО, ќе им бидат надоместени после неколку месеци.

Тоа значи дека НИЕ – припадниците на Армијата на Република Македонија ќе треба неколку месеци да го финансираме Министерството за Одбрана, надевајки се дека надлежните структури ќе се потрудат да решат бар дел од огромните проблеми во  МО и АРМ, односно ќе ја постават професијата „ВОЈНИК” на пиедесталот кој заслужено им припаѓа.

Зарем сеуште е потребно да потсетуваме и да укажуваме дека припадниците на АРМ и МО се еден од носечките столбови на државата, Република Македонија, дека се најдобрите амбасадори на Македонија во светот каде со својот докажан професионализам и патриотски чувства се носат рамо до рамо со останатите моќни армии во светот при извршувањето на поставените задачи. Со нашиот професионален ангажман на јужната граница на нашата држава ја одбранивме Европската унија од напливот на бегалци и покрај  несоодветните услови за живот и работа, припадниците на МО и АРМ чесно, пожртвувано, коректно и професионално ги извршуваат секојдневно поставените задачи и успешно се справуваат со предизвиците што притискаат на границите на нашата држава.

Овде би ги спомнале и постојаните доцнења на исплати по основ на дневници, патни трошоци, закупнини кои не се исплатени од месец Март 2016 год.

Поради сето ова, бараме, веднаш да се решат овие суштински проблеми, веднаш да се изврши зголемување на платата од 20%, веднаш да се реши проблемот со организираниот превоз, веднаш да се изврши исплата на заостанатите дневници, патни трошоци и закупнини.

Нерешавањето на овие прашања го доведува во прашање функционирањето на МО и АРМ а со тоа се довeдува и во прашање навременото извршување на нашата мисија, односно обезбедување на безбедна и стабилна Република Македонија”.

Нерешавањето на напластените проблеми ќе резултира со организирање на генерален штрајк на вработените во Армијата на Република Македонија и Министерството за Одбрана.

Со почит, Синдикат на одбраната и безбедноста

Share

ПРОТЕСТ НА СИНДИКАТОТ НА ОДБРАНАТА И БЕЗБЕДНОСТА

Почитувани членови,

И покрај нашите обиди преку разговори и преговори односно преку социјален дијалог да овозможиме подобрување на стандардот на вработените во МО и АРМ, односно зголемување на платите на вработените во МО и АРМ сепак Министерството за одбрана и Владата на Република Македонија не пристапија со сериозност кон решавање на основното право т.е. правото за достоинствен живот на нашите фамилии.

Барањата за:

  1. Зголемување на платите од 20 % во ова фаза а потоа нашите плати да го следат изедначувањето на платите со припадниците на полицијата и царината;
  2. Изедначување на висината на дневницата со припадниците на полицијата (висина од 1.200,00 денари)

и понатаму се игнорираат од страна на Министерството за одбрана и Владата на Република Македонија.

Поради таквиот игнорантски однос, членовите на Синдикатот на одбраната и безбедноста поддржани од Независниот синдикат на професионални војници, својот револт го искажаа на ПРОТЕСТ кој се одржа на ден 21.05.2016 година (сабота), во 12:00 часот пред зградата на Министерството за одбрана и Владата на Република Македонија.

Би сакале да им се заблагодариме на сите членови на СОБ кои и покрај големите притисоци од стана на раководните структури во МО и АРМ да не се излегува на протест, сепак излегоа и храбро и достоинствено како што доликува на нашата професија, во свое име и во името на сите останати вработени во МО и АРМ го искажаа своето огромно незадоволство и разочарување од немањето на слух на преставниците на власта.

Борбата за нашите права не застанува тука, доколку во наредниот период Министерството за одбрана и Владата на Република Македонија не го преиспитаат својот однос и не пристапат кон решавање на нашите барања, Синдикатот на одбраната и безбедноста повторно ќе организира протест, односно ШТРАЈК на вработените во МО и АРМ.

Ги повикуваме сите членови на СОБ и останатите вработени во МО и АРМ, да не се плашат, да излезат да ПРОТЕСТИРААТ односно да ШТРАЈКУВААТ, затоа што само ЕДИНСТВЕНИ и СЛОЖНИ можеме да се избориме за подобри права, за подобар стандард, за достоинствен живот, за повисоки плати и надоместоци на плати, за подобрување на работните услови, за подобрување на стандардот на вработените во МО и АРМ, за подобрување на квалитетот на животот на нашите фамилии, за подобра иднина на нашите деца.

Со почит, Синдикат на одбраната и безбедноста

Share