Известување

sob_logo_bmp2Почитувани членови на Синдикатот на одбраната и безбедноста,
Ве известуваме дека продолжуваме со нашата борба за подобрување на стандардот на нашите членови.
За таа цел денеска одржавме прес конференција на која објавивме дека ќе штрајкуваме за нашите права, при што интегралниот текст од истата ја објавуваме во целост и воедно Ве повикуваме сите заедно да му дадеме еден црвен картон на Министерството за одбрана.

„Синдикатот на Одбраната и Безбедноста (СОБ) заедно со Независниот синдикат на професионални војници (НСПВМ) веќе подолг временски период се обидува преку социјален дијалог со Министерството за одбрана да изнајде решение за пренапластените проблеми со кои секојдневно се среќаваат припадниците на Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана.

За жал, наместо решавање на проблемите кои секојдневно се повеќе и повеќе се зголемуваат, истите во недостаток на добро менаџирање со ресурсите едноставно се „сокриваат под тепих“, се заташкуваат или е забрането да се зборува за нив.

Овој балон на напластени проблеми веќе пукна, припадниците на АРМ и МО се доведени до работ на егзистенција алудирајќи на паричните примања во вид на основна плата која е толку ниска што со право се поставува прашањето – Дали на Република Македонија и треба Армија која ќе го брани суверенитетот и интегритетот на нашата држава???

Секако овде пред се се мисли на односот на политиката односно владата кон вработените во АРМ и МО, кој однос едноставно би го опишале како однос на мајка спрема вработените во МВР и маќеа кон вработените во АРМ и МО.

Како да не беше доволно тоа што припадниците на АРМ и МО се доведени во категорија на социјални случаи, Министерството за Одбрана се „потруди” уште повеќе да им го загрози животот, па го прекина и организираниот превоз за доаѓање на работа во касарните низ Р. Македонија. Иако пред само неколку месеци ветија дека до крајот на Септември 2016 год. ќе завршат со тендерската постапка и повторно ќе има организиран превоз за припадниците на МО и АРМ, очигледно е дека Министерот за одбрана, г-динот Зоран Јолевски кажа уште една голема невистина, затоа што веќе е Октомври 2016 год. а ниту е среден организираниот превоз, ниту им се исплатени досегашните трошоци на вработените во МО и АРМ. Можеме слободно да кажеме дека денес Министерството за Одбрана е фактички во стечај бидејќи не е во можност навремено да ги сервисира обврските кон своите вработени. Веќе сериозно размислуваме да отвориме посебна жиро сметка и телефонски линии за донации.

Зарем сеуште е потребно да потсетуваме и да укажуваме дека припадниците на АРМ и МО се еден од носечките столбови на државата, Република Македонија, дека се најдобрите амбасадори на Македонија во светот каде со својот докажан професионализам и патриотски чувства се носат рамо до рамо со останатите моќни армии во светот при извршувањето на поставените задачи. Припадниците на МО и АРМ чесно, пожртвувано, коректно и професионално ги извршуваат секојдневно поставените задачи и успешно се справуваат со предизвиците, додека за возврат добиваат социјални плати, социјални надоместоци за ангажирање, лажни ветувања за подобрување на стандардот.

Овде би ги спомнале и постојаните каснења на исплати по основ на дневници, патни трошоци, закупнини кои не се исплатени со месеци наназад.

Поради сето ова и уште многу други негативности кои доколку почнеме да ги набројуваме ќе ни треба еден цел ден, дојдени сме до крајот на нашето трпение, па органите на Синдикатот на Одбраната и Безбедноста донесоа одлука за ШТРАЈК на вработените во Министерството за Одбрана и Армијата на Р. Македонија.

Бараме:

* Зголемување на платата за 20% сега, а во иднина платата на вработените во МО и АРМ да се нивелира, односно да го следи нивото на зголемување на платите на вработените во МВР.

* Зголемување на надоместоците на плата за ангажирање (дежурство, стража, терен, борбени задачи и сл.) на вработените во МО и АРМ до висина од 1.200,00 денари за секој ден ангажирање зголемена за ангажирање во ноќни часови, неработни и празнични денови.

Нерешавањето на овие прашања го доведува во прашање функционирањето на МО и АРМ а со тоа се доведува и во прашање навременото извршување на нашата мисија, односно обезбедување на безбедна и стабилна Република Македонија.

Кон штрајкот на вработените во МО и АРМ се приклучува и активно ќе учествува и Независниот синдикат на професионални војници.

Со почит, Синдикат на одбраната и безбедноста

Share
Bookmark the permalink.

Comments are closed.