Известување

konf_za_pecatПочитувани членови,

Синдикатот на Одбраната и Безбедноста (СОБ) на ден 26.07.2016 година одржа конференција за печатот на која уште еднаш ги посочи напластените проблеми во МО и АРМ и побара итно решавање на истите во насока на подобрување на стандардот на вработените во МО и АРМ.

Ви го пренесуваме интегралниот текст од конференцијата за печатот:

„Синдикатот на Одбраната и Безбедноста (СОБ) заедно со Независниот синдикат на професионални војници (НСПВМ) веќе подолг временски период се обидува преку социјален дијалог со надлежните лица во Министерството за одбрана да изнајдат решенија за проблемите со кои секојдневно се среќаваат припадниците на Армијата на Република Македонија и Министерството за Одбрана.

За жал, наместо решавање на проблемите кои секојдневно се повеќе и повеќе се зголемуваат, истите во недостаток на добро менаџирање со ресурсите едноставно се „сокриваат под тепих”, се заташкуваат или е забрането да се зборува за нив.

Овој балон на напластени проблеми веќе пукна, припадниците на АРМ и МО се доведени до ивица на егзистенција алудирајки на паричните примања во вид на основна плата која е толку ниска што со право се поставува прашањето – Дали на Република Македонија и треба Армија која ќе го брани суверенитетот и интегритетот на нашата држава???

Секако овдека пред се се мисли на односот на политиката односно владата кон вработените во АРМ и МО, кој однос едноставно би го опишале како однос на мајка према вработените во МВР и маќеа кон вработените во АРМ и МО.

Како да не беше доволно тоа што припадниците на АРМ и МО се доведени во категорија на социјални случаеви, Министерството за Одбрана се „потруди” да го прекине и организираниот превоз за доаѓање на работа во касарните низ Р. Македонија.

Имено, веќе десетина дена скоро половината од организираниот превоз за доаѓање и одење од работа е во прекин и припадниците на Армијата на Република Македонија се приморани сами да се снаоѓаат и да доаѓаат на работа трошејќи свои парични средства кои со оглед на досегашното искуство на плаќање на МО, ќе им бидат надоместени после неколку месеци.

Тоа значи дека НИЕ – припадниците на Армијата на Република Македонија ќе треба неколку месеци да го финансираме Министерството за Одбрана, надевајки се дека надлежните структури ќе се потрудат да решат бар дел од огромните проблеми во  МО и АРМ, односно ќе ја постават професијата „ВОЈНИК” на пиедесталот кој заслужено им припаѓа.

Зарем сеуште е потребно да потсетуваме и да укажуваме дека припадниците на АРМ и МО се еден од носечките столбови на државата, Република Македонија, дека се најдобрите амбасадори на Македонија во светот каде со својот докажан професионализам и патриотски чувства се носат рамо до рамо со останатите моќни армии во светот при извршувањето на поставените задачи. Со нашиот професионален ангажман на јужната граница на нашата држава ја одбранивме Европската унија од напливот на бегалци и покрај  несоодветните услови за живот и работа, припадниците на МО и АРМ чесно, пожртвувано, коректно и професионално ги извршуваат секојдневно поставените задачи и успешно се справуваат со предизвиците што притискаат на границите на нашата држава.

Овде би ги спомнале и постојаните доцнења на исплати по основ на дневници, патни трошоци, закупнини кои не се исплатени од месец Март 2016 год.

Поради сето ова, бараме, веднаш да се решат овие суштински проблеми, веднаш да се изврши зголемување на платата од 20%, веднаш да се реши проблемот со организираниот превоз, веднаш да се изврши исплата на заостанатите дневници, патни трошоци и закупнини.

Нерешавањето на овие прашања го доведува во прашање функционирањето на МО и АРМ а со тоа се довeдува и во прашање навременото извршување на нашата мисија, односно обезбедување на безбедна и стабилна Република Македонија”.

Нерешавањето на напластените проблеми ќе резултира со организирање на генерален штрајк на вработените во Армијата на Република Македонија и Министерството за Одбрана.

Со почит, Синдикат на одбраната и безбедноста

Share
Bookmark the permalink.

Comments are closed.