ПРОТЕСТ НА СИНДИКАТОТ НА ОДБРАНАТА И БЕЗБЕДНОСТА

Почитувани членови,

И покрај нашите обиди преку разговори и преговори односно преку социјален дијалог да овозможиме подобрување на стандардот на вработените во МО и АРМ, односно зголемување на платите на вработените во МО и АРМ сепак Министерството за одбрана и Владата на Република Македонија не пристапија со сериозност кон решавање на основното право т.е. правото за достоинствен живот на нашите фамилии.

Барањата за:

  1. Зголемување на платите од 20 % во ова фаза а потоа нашите плати да го следат изедначувањето на платите со припадниците на полицијата и царината;
  2. Изедначување на висината на дневницата со припадниците на полицијата (висина од 1.200,00 денари)

и понатаму се игнорираат од страна на Министерството за одбрана и Владата на Република Македонија.

Поради таквиот игнорантски однос, членовите на Синдикатот на одбраната и безбедноста поддржани од Независниот синдикат на професионални војници, својот револт го искажаа на ПРОТЕСТ кој се одржа на ден 21.05.2016 година (сабота), во 12:00 часот пред зградата на Министерството за одбрана и Владата на Република Македонија.

Би сакале да им се заблагодариме на сите членови на СОБ кои и покрај големите притисоци од стана на раководните структури во МО и АРМ да не се излегува на протест, сепак излегоа и храбро и достоинствено како што доликува на нашата професија, во свое име и во името на сите останати вработени во МО и АРМ го искажаа своето огромно незадоволство и разочарување од немањето на слух на преставниците на власта.

Борбата за нашите права не застанува тука, доколку во наредниот период Министерството за одбрана и Владата на Република Македонија не го преиспитаат својот однос и не пристапат кон решавање на нашите барања, Синдикатот на одбраната и безбедноста повторно ќе организира протест, односно ШТРАЈК на вработените во МО и АРМ.

Ги повикуваме сите членови на СОБ и останатите вработени во МО и АРМ, да не се плашат, да излезат да ПРОТЕСТИРААТ односно да ШТРАЈКУВААТ, затоа што само ЕДИНСТВЕНИ и СЛОЖНИ можеме да се избориме за подобри права, за подобар стандард, за достоинствен живот, за повисоки плати и надоместоци на плати, за подобрување на работните услови, за подобрување на стандардот на вработените во МО и АРМ, за подобрување на квалитетот на животот на нашите фамилии, за подобра иднина на нашите деца.

Со почит, Синдикат на одбраната и безбедноста

Share
Bookmark the permalink.

Comments are closed.