ИЗВЕСТУВАЊЕ

sob_logo_bmp2Почитувани членови,

Синдикатот на Одбраната и Безбедноста (СОБ) како социјален партнер на Министерството за одбрана подолг временски период одржуваше преговори со надлежните лица во Министерството за одбрана, во насока на подобрување на стандардот на вработените, односно зголемување на платите на вработените во МО и АРМ.

И покрај нашите обиди за подобрување на стандардот на вработените во МО и АРМ, односно зголемување на платите на вработените во МО и АРМ, не дојдовме до решение по пат на преговори односно преку социјален дијалог со Министерството за одбрана, па затоа на прес конференцијата одржана на ден 05.05.2016 година, органите и телата на СОБ до владата на Р. Македонија ги упатија следните барања:

  1. Зголемување на платите од 20 % во ова фаза а потоа нашите плати да го следат изедначувањето на платите со припадниците на полицијата и царината.
  2. Изедначување на висината на дневницата со припадниците на полицијата (висина од 1.200,00 денари).

Како разумен социјален партнер оставивме доволно време (до 13.05.2016 год.) да седнеме на преговарачка маса и да најдеме начин за исполнување на горе наведените барања. За жал, до крајниот рок 13.05.2016 год. ниту владата на Р. Македонија ниту Министерство за одбрана не покажаа доблест да разговараат за проблемите со кои се среќаваат припадниците на МО и АРМ, односно не покажаа ниту елементарен слух за решавање на напластените проблеми.

Со оглед на таквата ситуација, органите на СОБ донесоа ОДЛУКА да се превземат активности (согласно Законските прописи и Колективниот договор на Министерството за одбрана) за остварување на своите права од работен однос т.е членовите на Синдикатот на Одбраната и Безбедноста својот револт ќе го искажат најпрво на ПРОТЕСТ кој ќе се одржи на ден 21.05.2016 год. (сабота) со почеток во 12 часот пред Министерството за Одбрана и Владата на Р. Македонија, а потоа доколку продолжи игнорантскиот однос и со ШТРАЈК во институциите кои ги опфаќа Синдикатот на Одбраната и Безбедноста.

Почитувани членови на СОБ, синдикалната борба почива на идеалот за солидарност и меѓусебно подржување. Во таа насока со задоволство Ве известуваме дека подршка за остварување на заедничките права од работен однос ни укажаа и колегите од Синдикатот на професионалните војници кои ќе ни се придружат на најавениот протест.

Сметаме дека е крајно време да го кренеме нашиот глас и да кажеме СТОП, СТОП ЗА ДЕВАЛВИРАЊЕТО НА НАШАТА ПРОФЕСИЈАТА.

Ги повикуваме и останатите колеги, вработени во МО и АРМ, ДЗС и ЦУК што помасовно да ни се приклучат на најавениот протест, и сите заедно да го искажеме огромното незадоволство кое долг период тлее во нас самите, да покажеме дека нашиот професионализам и беспрекорното извршување на поставените безбедносни задачи во мир и во вонредни ситуации заслужува соодветно респектирање од страна на власта во Р. Македонија, затоа што нашата синдикална борба за подобрување на стандардот се однесува на сите вработени.

Со почит, Синдикат на одбраната и безбедноста

Share
Bookmark the permalink.

Comments are closed.