Известување до членовите на Синдикатот на одбраната и безбедноста

Почитувани членови на Синдикатот на Одбраната и Безбедноста (СОБ). Ве известуваме дека СОБ како социјален партнер на Министерството за одбрана подолг временски период одржуваше преговори со надлежните лица во Министерството за одбрана, во насока на подобрување на стандардот на вработените, односно зголемување на платите на вработените во МО и АРМ.

И покрај нашите обиди за подобрување на стандардот на вработените во МО и АРМ, односно зголемување на платите на вработените во МО и АРМ, не дојдовме до решение по пат на преговори односно преку социјален дијалог, па затоа органите на СОБ одлучија да се превземат активности согласно Законските прописи и Колективниот договор на Министерството за одбрана во насока на зголемување на платите, затоа што сметаме дека моменталната состојба со висината на платата на вработените во МО и АРМ е на најниско ниво од формирањето на МО и АРМ, односно со платата не можат да се задоволат ни најосновните елементарни потреби за пристоен живот на припадниците на МО и АРМ и на нивните семејства.

Како што знаете, НИЕ, припадниците на МО и АРМ во извршувањето на своите задачи во Република Македонија и надвор од неа, постојано покажуваме дека секогаш сме едни од најдобрите професионалци како припадници на безбедносните структури во Р.Македонија. Тоа може најдобро да се види и при сегашното наше ангажирање во обезбедувањето на јужната граница на нашата земја при контрола на бегалската криза, каде што и покрај несоодветните услови за живот и работа добиваме дневница во висина од 610,00 денари, додека дневницата за припадниците на МВР е 1200,00 денари.

Иако граничното обезбедување е задача на МВР (кои и бројчано се побројни од нас), се покажа дека во вакви кризни ситуации без припадниците на МО и АРМ обезбедувањето на државната граница неможе да се реализира во целост. Ова е доволен показател зошто бараме изедначување на платите и надоместоците на плати со припадниците на МВР.

Исто така сведоци сме дека во изминатиот период извршено е зголемување на платите на полицијата, царината, судиите, судските службеници, медицинскиот персонал, зголемување на минималната плата, пензиите, како и зголемување на паричните примања на разни групи на работници.

Сметаме дека Владата на Р.Македонија неправедно не изоставува НАС, припадниците на МО и АРМ во однос на зголемувањето на платите и поради тоа раководството на  СОБ до владата на Р.Македонија ги упати следните барања:

  1. Зголемување на платите од 20 % во ова фаза а потоа нашите плати да го следат изедначувањето на платите со припадниците на полицијата и царината.
  2. Изедначување на висината на дневницата со припадниците на полицијата (висина од 1.200,00 денари).

Синдикатот на Одбраната и Безбедноста преку прес конференцијата која се одржа на ден 05.05.2016 година се обрати до Владата на Р. Македонија и побара средба на која би се разговарало за решавање на горенаведените барања. Доколку не дојде до средба до 13.05.2016 година, Синдикатот на Одбраната и Безбедноста својот револт ќе го искаже  најпрво со протести, а потоа и со штрајк во институциите кои ги опфаќа СОБ.

Со почит, Синдикат на одбраната и безбедноста

Share
Bookmark the permalink.

Comments are closed.