Професионалните војници на служба во АРМ до 45 години

Владата и Синдикатот на одбраната и безбедноста (СОБ) на 13.02.2012 година постигнаа договор границата за ангажирање на професионалните војници од 38 да биде поместена на 45 години, а за вработување во Армијата наместо до 23 да се помести на 25 години.
Измените се засноваат на искуствата од земјите членки на НАТО и се во рамките на проектот “Паметна одбрана”.

Договорот е постигнат на средбата на министерот за одбрана г-дин Фатмир Бесими со претставници на Синдикатот на одбраната и безбедноста (СОБ). Од Министерството за одбрана за измените го известија и претставникот на НАТО во Македонија полковник Јордан Јорданов, кој имаше средба со министерот за одбрана г-дин Фатмир Бесими. Според Јорданов, кој е началник на НАТО советодавниот тим во Скопје, договорот дава придобивки и на Синдикатот и на Министерството за одбрана.

Министерството за одбрана во соработка со Синдикатот на одбраната и безбедноста (СОБ) во најкраток можен рок ќе ги подготви измените во Законот за служба во АРМ и ќе ги достави во Владата на усвојување. Потоа тие треба да одат во собраниска процедура.

“Не се работи само за измени на годините, туку и спроведување на стандардите на НАТО. Регрутација, активна служба, пензионирање и процес на ресоцијализација”, изјави министерот за одбрана г-дин Фатмир Бесими.

Претседателот на Синдикат на одбраната и безбедноста (СОБ), Ристо Ајтов изјави дека ова е добар пример и за другите синдикати како се решаваат проблемите на вработените во институциите и дека Синдикат на одбраната и безбедноста (СОБ) е кредибилен партнер и во континуитет се залагаше за вакво или слично решение и затоа сме задоволни што за само 6 месеци од мандатот на министерот изнајдовме решение кое решава еден од клучните проблеми на професионалните војници.

Во одбраната паралелно течат и подготовките за реализација на концептот “активна резерва”. Проекциите велат дека таа треба да брои околу 1200 лица. Во зависност од психо-физичката подготвеност, но и по извршената обука, лицата ќе може да се ангажираат и во мировни мисии.

Според претставникот на НАТО во Македонија, Јордан Јорданов, новите предлог измени ќе се разгледуваат заедно со советодавен тим и експерти на НАТО а нивна цел е подобрување на животниот стандард на војниците.

Со измените што ќе следат се очекува конечно да биде надминат проблемот за кој со години се залага Синдикат на одбраната и безбедноста (СОБ). За војниците покрај зголемувањето на возраста предвидени се и повеќе програми за полесно враќање во цивилниот живот откако ќе ја завршат војничката кариера.

Share
Bookmark the permalink.

Comments are closed.