Со измените на законот се предвидуваат зголемувања на старосната граница за прием на служба во АРМ од досегашните 23 години на 25 години, со што би се зголемил бројот на заинтересирани млади луѓе за оваа професија и со тоа би се зголемила конкуренцијата за прием во АРМ.
Воедно за прв пат целосно се брише старосната граница со која еден професионален војник може да биде произведен во подофицер и на тој начин својот работен однос да го трансформира од определено работно време на неопределено. Во иднина тоа би било исклучиво на највисоки професионални стандарди.
А исто така се зголемува и старосната граница за вршење служба во АРМ од 38 на 45 години со што се решава статусот на професионалните војници во најголем дел кои својата професија ја започнале порано и со бенефицираниот стаж ќе ги исполнат условите за нивно пензионирање, изјавува за Курир министерот за одбрана Емил Димитриев.
Тој додава и дека со овие измени се решава и долгогодишниот проблем на воздухопловниот персонал на АРМ кој имал значително пониски примања од своите колеги во другите институции.
Со зголемувањето на бодовите за плата, овој персонал, вели Димитриев, ќе го заслужи долгоочекуваното покачување на своите примања.